
Ракометниот клуб Младост 1977 АД продолжува амбициозно да се подготвува за новата сезона, а во тој процес го ангажира младиот и перспективен ракометар Гоце Аргиров, кој ќе го засили тимот на левата крилна позиција.
Аргиров има само 19 години, но веќе стекна завидно ракометно искуство. Со своите 185cm, ќе биде вистинско освежување во редовите на тимот од Богданци. Доаѓа од прволигашот РК Астраион од Струмица, каде што настапуваше во изминатите четири сезони.
Интересно е што Гоце токму во академијата на Младост од Богданци ги направи првите чекори во ракометот, пред да замине во Струмица. Сега, практично, се враќа „дома“ и ќе потпише договор со РК Младост 1977 најмалку на една година.
Тој потекнува од селото Николич, и важи за играч со голем потенцијал, брзина и интуиција, се очекува брзо вклопување, како и значителен придонес во борбата за повисок пласман и влез во ракометната Суперлига.
Со ангажманот на Аргиров, Младост 1977 покажува дека има јасна визија за иднината градење на млад, домашен, но квалитетен тим кој ќе биде конкурентен во секој натпревар.
Нашиот тим има амбиции за влез во Суперлигата односно враќање во елитата, а за таа цел го ангажираше и искусниот стратег Горан Андоновски од Охрид да го води тимот, а во следниот период се очекува промоција на повеќе ракометари.